Околу 15% од брачните парови имаат потешкотии во создавање на потомство. Женската неплодност (инфертилитет)опфаќа околу 45% од неплодноста кај брачните двојки, 45 % се должат на машки фактори, а 10 % на непознати причини.
Најчестите причини за женски инфертилитет се:
-
Оваријални фактори:
Нарушувања во нормалната овулација ановулација (отсуство на овулација)или олигоовулација (ретка овулација)како резултат на ПЦО синдром, предвремена овариална инсуфициенција, ендокрини нарушувања- високи нива на пролактин или на тироидни хормони.
-
Ендометриоза:
Заболување при кое клетките што ја градат лигавицата на матката се вгнездуваат надвор од неа (јајник, абдоминална шуплина, лузни од претходни операции, грло на матка, вагина). Симптомите се хронична болка во долен дел на абдомен и инфертилитет. Дијагнозата се потврдува лапароскопски и хистопатолошки.
-
Утерини фактори:
Структурни аномалии на матката се честа причина за потешкотии при забременување, како и за абортуси во рана бременост.
Тука спаѓаат миоми на матката, кои зависно од големината можат да ја деформираат самата шуплина и на тој начин да пречат на вгнездувањето на оплодената јајце клетка.
Анатомски аномалии на матката- како еднорога, дворога матка, присуство на септум во шуплината на матката се исто така честа причина за женски инфертилитет или за загуба на бременоста во ран период. -
Тубарни фактори:
Непроодност на јајцеводите како резултат на претходна инфекција(аднексити, салпингити, хидросалпинкс), оперативни зафати, ендометриоза. Тоа води до неможност сперматозоидите да достигнат до јајцеводите и да ја оплодат зрелата јајце клетка. Соодветна реконструктивна микрохирургија може да ги подобри шансите за спонтано забременување, но во случаите кога тоа не е возможно ИВФ е најадекватното решение.
-
Фактори поврзани со возраста на жената:
Со зголемување на возраста на жената опаѓа и нејзината репродуктивна способност.
-
Необјаснив инфертилитет (идиопатски):
Кога со современите методи на медицината не може да се дијагностицира причина за истиот.