Инсеминација е процедура при која спермата се обработува, концентрира и со помош на тенок катетар се вбризгува директно во матката на жената. Така сперматозоидите во оптимална концентрација достигаат до тубите (јајцеводите) каде што се врши оплодување на зрелата јајце клетка.
Инсеминација се препорачува кај партнери со нејасен инфертилитет, кои правеле обиди за забременување барем една година. За да се примени ова метода е потребно спермалните показатели кај мажот да се во граници на норма или малку под норма. Неопходен услов за успешна инсеминација е проодни туби (јајцеводи), затоа потребно е претходно испитување кое се нарекува хистеросалпингографија (ХСГ).
Може да се користи сперма од партнерот или донорска сперма.
КАКО СЕ ОДВИВА ПРОЦЕСОТ НА ИНСЕМИНАЦИЈА
Инсеминацијата може да биде направена без стимулација (природен циклус) во случаите кога нема ниту машки, ниту женски фактор за инфертилитет и кога кај жената е докажано присуство на овулација. Тоа значи дека пред процедурата се следи нивото на лутеинизирачки хормоне (ЛХ) и се прават ултразвучни прегледи за да се определи кога ќе се изврши инсеминацијата, без да се прилагаат медикаменти. Доколку кај жената е докажано отсуство на овулација тогаш се применува стимулирање на истата со лекарства. Целта на стимулацијата е повеќе јајце клетки да достигнат зрелост. Тоа се постигнува со помош на лекови како Кломифен Цитрат во форма на таблетки или гонадотропини како инјекции, за да се стимулираат јајниците и да се постигне овулација.
Кога пациентката е под терапија за стимулација на овулација непрекинато се следи бројот и димензиите на фоликулите ултразвучно, а кога два или три фоликули ја достигнат оптималната големина, може да се приложи инјекција со ХЦГ за да се индуцира (предизвика) овулација. Околу времето на очекуваната овулација спермата се обработува во лабораторијата и така подготвена со помош на тенок катетар се вбризгува во шуплината на матката.
Процедурата е безболна и се споредува со чувството при земање на брис за ПАП. По извршената инсеминација жената останува на гинеколошкиот стол околу 15 минути.
Уринарен тест за бременост може да направите на 15-от ден од процедурата. Крвен тест за бременост може да направите 11-14 ден од процедурата. Пред самата процедура Вие и Вашиот партнер треба да имате направено испитувања за ХИВ, Хепатит Б, Хепатит Ц, микробиолошко испитување на ејакулатот.
УСПЕШНОСТ, ПРЕДНОСТИ И РИЗИЦИ
Успешноста на инсеминацијата е ниска ако:
- Возраста на жената е над 40 г.
- Жени со умерена до тешка ендометриоза
- Спермата е со лоши показатели
- Јајце клетките се малку на број или со лош квалитет
- Кај жени со било каква степен на тубарно оштетување
Предност на инсеминацијата е што нема пункција на фоликули (по-инвазивна процедура) и нема потреба од анестезија.
Ризици се појава на инфекција во лигавицата на матката, спазми, како и екстраутерина бременост (бременост надвор од матката)