- Подготовка за ИВФ
- Стимулација на јаниците
- Колектирање на јајце клетки
- Добивање на сперматозоиди
- Лабораториско оплодување и растеж на ембрионите
- Лутеална поддршка
- Ембриотрансвер
- Тест за бременост
ПОДГОТОВКА ЗА ИВФ
Секоја ИВФ процедура почнува со подготовка и преглед минимум 1 месец пред неа.
Проценката за терапија вклучува избор на начинот на стимулација и лекарствата што се најсоодветни за Вас.
Лекарот ќе Ве информира кога да дојдете на преглед- обично на 9-10 ден од месечниот циклус, а ако циклусот Ви е подолг од 32 дена околу 12-13 ден.
Забелешка: Должината на циклусот се рачуна од првиот ден на крварење од претходниот циклус до првиот ден на крварење во следниот месец. Прв ден е оној на јасно крварење, а ако крварењето се појави во попладневните или вечерните саати тогаш за прв ден се смета следниот ден.
Прегледот опфаќа ултразвук на генитални органи- матка, јајници, дебелина на лигавицата на матката при празен мочен меур.
По прегледот лекарот ќе Ви назначи хормонски испитувања, како најчесто се испитуваат ЛХ, ФСХ,Е2,Пролацтин, ТСХ. Овие испитувања се прават во определени денови од циклусот- пр. На 3-ти ден се испитуваат ЛХ,ФСХ И Е2, а на чист ден ( без крварење) – Пролактин И ТСХ .
Пред почеток на процедурата Вашиот партнер треба да направи:
- Испитувања на ејакулатаот- микробиологија и спермограм. За спермограмот е важна полова апстиненција 2-7 дена (5 по СЗО)
- Испитувања за ХИВ,vСифилис, Хеп.Б & Ц
СТИМУЛАЦИЈА
Стимулација или контролирана оваријална хиперстимулација се прави со цел да се добијат што поголем број на јајце клетки. Стимулацијата се врши по определени шеми т.н. протоколи. Изборот на протокол е во зависност од конкретниот случај.
Протоколите основно се делат на три типа:
- Долг проотокол- при што се започнува со инјекции од 20-21 ден на циклусот
- Краток протоцол- стимулацијата се започнува на 3-4 ден од циклусот
- Ин витро на спонтан циклус- не се применуваат лекарства за стимулација
Процесот на стимулација ќе биде внимателно мониториран, преку еден ден ќе се следи бројот и големината на фоликулите, дебелината на лигавицата на матката, хормонскиот статус. Откако доволен број на фоликули достигнат соодветна големина и зрелост ќе Ви биде аплицирана инјекција со чХГ ( човечки хорион гонадотропин) хормон што предизвикува овулација. Од моментот на аплицирање на овој хормон до настанување на овулација се потребни 40 часа. Затоа колектирањето на јајце клетки треба да се изврши на 36-от час од апликацијата на чХГ.
ПУНКЦИЈА НА ФОЛИКУЛИ
Пункцијата е процес на колектирање на јајце клетки од јајниците на жената со помош на игла. Под контрола на ултразвук иглата преку вагината се насочува кон јајниците и се пунктираат фоликулите, при тоа се собира фоликуларната течност во која се наоѓа и јајце клетката. Потоа таа течност се собира во епруветки. Течноста веднаш се предава на биолог-ембриолог кој има задача да ги евакура јајце клетките, да ги промие и да ги стави во специјална хранлива средина. Во истото време во андролошката лабораторија се подготвуваат сперматозоидите добиени од Вашиот партнер или донорски сперматозоиди.
Самата интервенција се врши во краткотрајна интра венска анестезија, за тоа време анестезиолог-реаниматор ќе ги следи Вашите витални параметри.
Важно: Ден пред пункцијата треба:
- Да сопрете со прием на храна од 18:00 ч. и течности од 22:00 ч.
- Да направите тоалет на интимните делови (избегнувајте лосиони, парфеми)
- Да подготвите резултати од крвна слика, фактори на хемостаза, како и резултати за ХИВ, Хепатит Б & Ц
По завршување на интервенцијата ќе останете за опсервација околу 2-3 часа. Во тоа време може да се појават симптоми како лесно крварење, болки слични на менструалните. Лекарот ќе Ви даде понатамошни инструкции во однос на кои лекарства да ги примате, а ембриологот ќе Ве информира за бројот на оплодени јајце клетки.
ЛАБОРАТОРИСКА ФАЗА
- Класично ин витро оплодување ( ИВФ) – јајце клетката се обработува на специјален начин е се постава во специјална хранлива средина, потоа се додаваат сперматозоидите претходно прочистени, концентрирани и активирани. Целта е сперматозоидот сам да ја оплоди јајце клетката ( се имитира физиолошкиот процесс на оплодување). Овој метод се применува кај изразен женски фактор на стерилитет и спермограм кој не отстапува од нормата.
Следниот ден јајце клетките се проверуваат дали имаат знаци на оплодување,а наредните денови нашиот ембриолог ќе следи за правилно клеточно делење и за квалитетот на самите ембриони. - Интрацитоплазматско инјектирање на сперматозоид ( ИЦСИ ) тоа е метода при која само еден сперматозоид се вбризгува внатре во самата јајце клетка. Пред самата манипулација ембриологот го проверува квалитетот на јајце клетката, нејзината зрелост, а потоа со помош на микро игла и микро манипулатор се врши и самото оплодување. Потоа оплодената јајце клетка се поставува во специјална хранлива средина и инцубатор и се следи развојот на ембрионот.
Оваа метода се применува кога сперматозоидите кај Вашиот партнер се многу малку на број, не се доволно подвижни, имаат неправилна структура ( морфологија)
ЛУТЕАЛНА ПОДДРШКА
По пункцијата на фоликули ќе Ви бидат дадени инструкции за прием на лекарства- тоа се прогестеронови препарати кои ќе ја подготват Вашата матка за ембриотрансвер. По преценка на Вашиот лекар може да Ви биде испишана и фолна киселина, како и други лекарства кои ќе треба да ги примате континуирано до тестот за бременост, а по потреба и подолго.
ЕМБРИОТРАНСВЕР
Ембриотрансверот е процедура на пренесување на ембрионите во шуплината на матката. Тоа можеби е највозбудливиот дел од целата ин витро процедура. Ако ембрионот се равива нормално во лабораториски услови и достигне соодветна зрелост ( најчесто за 48 ч.) тогаш се пристапува кон ембриотрансвер. Некогаш трансверот се врши на 4-5 ден по оплодувањето. Со помош на тенок катетар ембрионите се пренесуваат во матката. Процедурата е апсолутно безболна. Може да се пренесат 1-3 ембриони наеднаш. Шансите да настане бременост се поголеми при трансвер на повеќе ембриони, од друга страна пак колку поквалитетни и здрави се ембрионите се зголемува и шанстата за многуплодна бременост која сама по себе крие ризици како предвремено породување или компликации кај мајката.
По трансферот ќе останете на гинеколошкиот стол околу 30 минути. Потоа се препорачува да не сте физички активна, да одмарате, да го ограничите приемот на кафе , да не пушите, да не се бањате со многу жешка вода.
ТЕСТ ЗА БРЕМЕНОСТ
Моментот на вистината, моментот кога треба да разбереме дали заедно сме ја постигнале нашата цел – БРЕМЕНОСТ.
Две недели по ембриотрансверот може да направите крвен или уринарен тест за бременост. При крвниот тест се користи венска крв и се определува титарот на βХЦГ ( човечки хорионгонадотропин) или т.н. хормон на бременоста. Уринарниот тест може да го направите и во домашни услови, при тоа се препорачува првата утринска урина која е концентрирана.
Ако тестот за бременост е позитивен тогаш Ве молиме исконтактирајте го Вашиот лекар и тој ќе Ви закаже термин за ултразвучен преглед за да се потврди бременоста.
Доколку тестот е негативен информирајте го Вашиот лекар и тој ќе Ве покани на разговор за да се продискутираат евентуалните причини за неуспехот на процедурата, како и план за понатамошно дејство.