Лекарства што се користат во АРТ (Асистирани Репродуктивни Техники)

Кломифен цитрат

Тој е структурно сличен со естрогените. Се врзува за рецепторите за естрогени во хипоталамусот (дел од мозокот што учествува во регулацијата на менструалниот циклус) и на тој начин продолжува лачењето на ГнРХ од хипоталамусот кој од своја страна ја стимулира хипофизата да лачи ФСХ и ЛХ. Овие два хормона учествуваат во стимулација на растот и созревањето на фоликулите во јајниците.
Кломифен цитратот се прима орално (преку уста) во форма на таблети од 50 мг. Со терапија се почнува од 3-7 ден од циклусот. Дозата е индивидуална, при тоа се земаат во предвид индексот на телесна тежина, одговорот на јајниците.
Ефектот од стимулацијата се проследува ултразвучно- се прави фоликулометрија т.е. се следи бројот и големината на растечките фоликули.

Гонадотропини

Тоа се хормони што нормално се лачаат од предниот дел на хипофизата и тука спаѓаат ФСХ (фоликулостимулирачки хормон) и ЛХ (лутеинизирачки хормон).

Во процесот на АРТ овие хормони се применуваат во форма на инјекции што се аплицираат подкожно.

Индукцијата на овулација обично започнува со ниски дози (50-75 ИУ/ ден) и постепено дозата може да се зголемува ако нема добар одговор од страна на јајниците. При секоја стимулација задолжително се следи ултразвучно бројот и големната на фоликулите бидејќи постои ризик од оваријална хиперстимулација.

ГнРХ аналози

Лекови кои се користат за десензибилизација на хипофизата,односно служат за превенција на предвремен скок на ЛХ во процесот на контролирана оваријална хиперстимулација (КОХ)

Тука спаѓаат:

ГнРХ агонисти

Леупролид ацетат – ова лекарство се сврзува со рецепторите за ГнРХ и води до ослободување на супстанци што стимулираат секреција на ФСХ и ЛХ. Континуирана администрација на ова лекарство првично води до зголемена секреција на горенаведените хормони, а потоа до десензибилизација на хипофизата и пад во продукцијата на ФСХ и ЛХ, и на тој начин се спречува скокот на ЛХ во фазата на стимулација. Ваквите лекарства се користат во т.н. долги протоколи на стимулација.

ГнРХ антагонисти

За разлика од ГнРХ агонистите за чие што делување е потребно 2-3 недели, ГнРХ антагонистите делуваат веднаш, во рок од неколку часа вршат десензибилизација на хипофизата,со последователно намалуване на ФСХ , ЛХ и естрадиол.Се користат во т.н. кратки протоколи на стимулација.

ХЦГ- (Хуман Цхориониц Гонадотропин)

Тоа е полипептиден хормон што се синтетизира во постелката ( плацентата). Се состои од една алфа и една бета субединица. Алфа субединицата е идентична со алфа субединицата на ЛХ, ФСХ и ТСХ. Ова лекарство служи за подготовка на фоликулите за пункција. По прием на инјекцијата со ХЦГ овулација настанува на 40-от час. Тоа е клучен момент бидејќи пунктирањето на јајце клетките треба да се изврши пред да настане овулација т.е. на 34- 36-от час по апликација на лекарството.

Прогестерон

Тоа е хормон што се проиведува од јајниците, жолтото тело по овулација и од постелката. Важен е за подготовка на слузницатаицата на матката за имплантација на оплодената јајце клетка. Прогестеронските препарати се во форма на вагиналети или инјекции со депо (продолжен) ефект. Терапијата со Прогестерон започнува од денот на ЕТ (ембрио трансвер) или инсеминација па се до 10-12 гестациска недела кога постелката е веќе развиена и може сама да го произведува.