Од неодамна за првпат во Македонија почна да се применуваат и алтернативни методи во додаток на конвенционалниот ИВФ третман. Тимот од ИВФ центарот ГИНЕКОМЕДИКА во Скопје, посебно за секоја пациентка подготвува пакет на дополнителни алтернативни методи за ослободување од стрес, зголемување на крвотокот во малата карлица и зголемување на процентот на успешност на ИВФ процесот. Методите кои се користат семузикотерапија, бовен- терапија и нутриционизам.
За овој иновативен пристап во медицинската практика при спроведување на класичниот ИВФ третман, тимот составен од Леонина Корнети Пекевска – музикотерапевт, Дејан Ѓорѓиевски – физиотерапевт, д-р. Дејан Божиновски – гинеколог и Др. Лилјана Симјановска – ембриолог, беше награден со златен медал на годинашниот саем за иновации МАКИНОВА/ЕКОНОВА 2015.
Музикотерапија
Музиката била користена низ историјата на човештвото за изразување или поттикнување на емоциите кај луѓето. Уште од дамнешно време биле приметени терапевтските и лекувачките способности на музиката. Музиката може психолошки да влијае врз промената на расположението, може да има ефект на стимуланс или седатив, исто така може да менува или насочува физиолошки процеси како на пример, брзината на чукање на срцето или темпото на дишење. Здравствените бенефиции на музиката довеле до формирање универзитетски програми уште при крајот на 1940-тите и почетокот на 1950-тите, а првата национална професионална асоцијација на музикотерапевти е формирана во Соединетите Американски Држави, во Њујорк во 1950 година.
Музиката има позитивни ефекти за сите. Помага на луѓе кои имаат физички, емоционални, когнитивни, социјални проблеми а исто помага и на здрави луѓе за релаксирање, намалување на стресот и подобрување на расположението.
Музикотерапијата е техника која е комплементарна на класичната медицина, а е дел од алтернативната медицина. Таа користи музика и звуци, специјално наменети според потребите на пациентите.
Музикотерапевтските програми се специјално дизајнирани за да помогнат на пациентите да ги пребродат или надминат физичките, емоционалните, интелектуалните и /или социјалните проблеми.
Резултатите од примената на музикотерапијата опфаќаат голем број позитивни ефекти за пациентот, од подобрување на комплетната состојба на телото и умот до намалување на нивоата на стрес и болка.
Музикотерапијата се користи во многу опкружувања и институции, како што се: болници, рехабилитациони центри, училишта, социјални центри, домови за стари лица итн…
Една од првите музикотерапевтски истражувања кај неплодни пациенти, биле изведени со цел да се докаже дека соединувањето на музиката и медицината помага во смирување и релаксирање на душата, намалување на стресот кај пациентот и на крај, дефинитивно подобрување на резултатот при ин-витро постапката. Така се дојде првпат до позитивни резултати кај неплодни пациенти, иако до тогаш, веќе беа докажани бенефициите на музикотерапијата кај различен вид на пациенти од други области.
Стресот е на многу високо ниво кога се во комбинација проблеми со неплодност и желбата да се зачне дете. Голем процент од двојките кои сакаат дете со ин-витро методот, се соочуваат со емоционални, финансиски и физички типови на стрес поради неплодност во комбинација со сите типови третмани кои следат пред и по оплодувањето.
Третманот со музикотерапија започнува од почетокот на ИВФ третманот, пред и по ембрио трансферот, трае паралелно со носењето на детето и би било убаво да се применува се до денот на породување.
При музикотерапија кај овие процеси се бира специјален тип музика според вкусот, желбата и состојбата на пациентот. Стручно лице нуди на пациентот спремен избор на музика којшто по одобрение на пациентот, може да почне терапевтски да се користи.
БОВЕН – терапија
БОВЕН-техниката е терапевтска техника која потекнува од Австралија, каде што е признаена од страна на државното и бројни приватни здравствени осигурувања. Од јуни 2010 год. е вклучена и во здравствениот систем на Велика Британија. Покрај во Австралија и Велика Британија, терапијата има широка примена во многу држави во Европа, Северна Америка и Канада.
Бовен-терапијата е мануелна техника која вклучува нежни движења/потези, наречени бовенови потези, но истовремено и многу моќна техника која испраќа невролошки импулси кон централниот нервен систем. ЦНС ги прима, обработува и интегрира импулсите, а пота враќа соодветен одговор во облик на импулси, кои се одразуваат како одговор на телото во форма на различни механизми кои се манифестираат како намалување на тензијата, мускулна релаксација, подобрена циркулација на крв и лимфа, забрзан процес на регенерација и пред се хормонски баланс на организмот.
Бовеновите потези се изведуваат на точно одредени места од телото, на значајни точки, преку мускулите, тетивите, фасцијата, периферните нерви и некои акупунктурни точки. Третманот трае од 30 до 60 минути и се обработува целото тело, при што се изведуваат точно одредени потези, на точно одредени места, по точно одреден редослед, што ја прави оваа техника поразлична од сите останати мануелни терапии.
Бовен-терапијата е нежна, неинвазивна, холистичка и природна техника која речиси нема контраиндикации, и е одлична за сите возрасти, особено за малите деца, бремените жени и лицата кои сакаат да осниваат семејство. Одлична терапевтска, антистрес и релаксациска техника, за многу болести и заболувања, а од гинеколошките проблеми се применува кај: стерилитет, нередовен менструален циклус, ПМС, цисти и фиброми кај јајниците, фиброцистични дојки, хормонски проблеми и др.
Бовен-терапијата се заснова на концептот да се постигне хомеостаза во организмот, односно баланс кој ќе поттикне активација на внатрешните механизми во телото со цел телото само да си помогне во решавањето на проблемот. Терапијата влијае како на соматско така и на психолошко ниво, што ја прави единствена и уникатна техника. Механизмите/органските системи преку кои техниката ги изразува своите ефекти се: мускули, фасција, автономен нервен систем, периферен нервен систем, кожа, акупунктурни точки и меридијани, проприоцепција и микроелектрични ефекти/пиезоелектричен ефект.
Бовен-терапијата и неплодноста се меѓусебно поврзани, бидејќи рамнотежата, балансот и релаксацијата, кои се постигнуваат со бовен-терапијата се одлична подлога за реализација на бременоста. Неплодноста се дефинира како неможност за концепција по една година незаштитени односи или како неможност за доносување на бременоста до крај, односно до породување. Бовен-техниката може да се употребува кај жената или кај парот кои не можат да остварат концепција, а притоа по медицински пат да се исклучени сите органски причини кои би ја спречувале концепцијата. Оваа терапија помага при стерилитет бидејќи влијае врз хомеостазата и балансирањето на сите органски системи, пред се на половите органи и хормони, што овозможува позитивни услови за моментот на концепцијата и доносувањето на бременоста до породување.
Нутриционизам
Правилната исхрана како практика за лекување
Преку храната природата го храни и негува телото. Кога телото е ненахрането и во него е внесено нездрава храна истото нема можност за обнова и регенерација. Ова е особено важно за фертилитетот. Секојдневно во телото изумираат одреден број на клетки, а на нивно место постојано се создаваат нови клетки. Ова се случува со сите органи, мускули, ткива. Новите клетки се создаваат од храната која ја внесуваме во нашето тело. Затоа правилната исхрана овозможува да се внесе здрава храна, при што да се формираат нови здрави клетки и телото да се одржува здраво и витално.
Во минатото кога се применувале традиционалните начини на исхрана, луѓето биле многу по-плодни. Со појавата на индустриската храна почнале да се појавуваат бројни здравствени проблеми меѓу кои и проблеми со плодноста. Затоа правилниот начин на исхрана кој изобилува со протеини, минерали, калциум и природни масла има големо влијание врз квалитетот на репродуктивните клетки.
Честопати здравиот начин на исхрана кој најчесто се применува во секојдневниот живот се разликува од исхраната за здрав фертилитет. Исхраната за подобрување на фертилитетот има свои специфичности а целта е да се влијае врз квалитетот на репродуктивните клетки, јајце-клетките и сперматозоидите, како и за понатаму да се обезбеди здрав фетален развој.
Преку исхраната потребно е да се направи баланс и подготовка на целиот организам за развој на здраво дете.
ИВФ центарот ГИНЕКОМЕДИКА има подготвено посебна програма за правилна исхрана на пациентите кои се подготвуваат за ИВФ третман.