-
Стимулација на јајниците и мониторирање
Јајниците се стимулираат со давање на хормони (FSH, Follicle Stimulating Hormone и кај некои случаи и Luteinising Hormone, LH). Ефектите од стимулацијата се следат со мониторирање на растот на фоликулите се додека тие не ја постигнат потребната големина и број. Во овој момент, се дава хормон кој го имитира LH (Лутеинизирачки хормон), хормонот кој што природно ја поттикнува овулацијата, што резултира со ослободување на јајце клетките.
-
Собирање на јајце клетките и ин витро фертилизација
Собирањето на јајце клетките се врши со внесување на игла во фоликулите од јајниците и аспирирање на фоликуларната течност. Процедурата се изведува под анестезија. Кога ќе се извадат јајце клетките се чуваат во инкубатор во адекватен медиум за култивирање. Во меѓувреме од спермата се прочистуваат мотилните сперматозоиди кои ќе бидат употребени за фертилизација со користење на IVF или ICSI методата. Во последно време често се употребува ICSI (Intra Cytoplasmic Sperm Injection) методата која претставува оплодување на јајце клетката со микро инјектирање на сперматозоид. Постапката која што претходи и која што следува е иста како и при класичното IVF оплодување. Единствената разлика е што за ICSI методата е потребен само еден сперматозоид за една јајце клетка, додека за класичната IVF инсеминација се потребни 50 000 до 100 000 сперматозоиди. ICSI техниката се употребува од 1992 година за оплодување кај пациентите со машки инфертилитет или абнормалност на спермата од типот на: azoospermia (отсуство на сперматозоиди), oligozoospermia (ниска концентрација на сперматозоиди), asthenozoospermia (ниска мотилност на сперматозоидите) или teratozoospermia (низок број на морфолошки добри сперматозоиди).
-
Трансфер на ембриони
Денот после извршеното оплодување се осознава бројот на оплодени јајце клетки. Во текот на следните 2 до 3 дена се добиваат ембриони кои се спремни за трансферирање во матката. На денот на трансферот ембрионите со најдобар квалитет се селектираат. Со законот е дозволено во матката максимално да се трансферираат 2 ембриони. Ембрионите се внесуваат во тенок катетер со кој гинекологот ги трансферира ембрионите длабоко во матката. Оваа постапка се изведува без анестезија. Вообичаено едниот ембрион се имплантира и започнува бременост но сепак понекогаш се имплантираат и двата ембриона и настанува близначка бременост.
-
Криопрезервација
Ембрионите кои што остануваат после извршениот ембриотрансфер може да се замрзнат со процесот познат под името витрификација, и да се чуваат во течен азот. Замрзнатите ембриони може да се користат при друга ин витро постапка доколку не дошло до бременост при првиот обид или за втора бременост. Третманот за припремата на матката за трансфер на замрзнати ембриони е многу поедноставен и нема потреба од стимулација на јајниците за да се добијат јајце клетки со што значително се намалуваат трошковите за втор обид.