Секоја личност која е сексуално активна би можела да добие Хуман папилома вирус (ХПВ). Студиите покажуваат дека околу 75% од сексуално активните мажи и жени ќе се здобијат со аногенитална инфекција со ХПВ во некој период од нивниот живот. Најголем број од инфекциите се без симптоми и се потиснати без никаков третман во период од две години. Потиснувањето на вирусот кај мажите најчесто оди многу побрзо отколку кај жените.
Како мажите добиваат ХПВ?
ХПВ се пренесува преку генитален контакт – најчесто преку вагинален или анален секс. ХПВ може да се пренесе и преку орален секс, а се пренесува и без пенетративен секс, т.е ако се дојде во контакт со инфициран регион (кожа на кожа контакт) во аногениталниот регион. Може да се биде инфициран со повеќе од еден тип на ХПВ во исто време. Бидејќи ХПВ обично не предизвикува симптоми, повеќето мажи и жени може да се инфицираат и да го пренесуваат вирусот без нивно знаење. Вирусот може да биде присутен и ако поминал долг период од последниот сексуален контакт, изразено дури и во години.
Кои здравствени проблеми се предизвикани од ХПВ кај мажи?
ХПВ може да ги инфицира гениталните региони кај мажите, вклучително и кожата на и околу пенисот и анусот. Устата и грлото исто така може да бидат инфицирани. Некои типови на ХПВ може да предизвикаат генитални брадавици.
Типовите на ХПВ кои предизвикуваат генитални брадавици
Најчесто ХПВ тип 6 и 11, се пренесуваат со кожа-на-кожа контакт, најчесто за време на вагинален, анален, но и орален секс со некој кој има инфекција. Поверојатно е да бидат пренесени доколку има видливи брадавици, но може да бидат пренесени и доколку тие отсуствуваат.
Други типови на ХПВ може да предизвикаат канцер на пенисот, анусот или орофаринксот
(задниот дел на грлото, основата на јазикот и крајниците). Анален канцер не е исто што и колоректален канцер. Колоректалниот канцер е многу почест и не е предизвикан од ХПВ. Типовите кои предизвикуваат генитални брадавици не се исти со типовите кои може да предизвикаат канцер.
Сепак, треба да се нагласи дека повеќето мажи кои ќе се здобијат со ХПВ од било кој тип, не развиваат никакви симптоми или здравствени проблем.
Како да ја намалам можноста за инфекција со ХПВ?
Кондомите (ако се употребуваат при секој сексуален акт, од почеток до крај) може да ја намалат можноста за пренесување на ХПВ, а со тоа и развиток на болести поврзани со ХПВ. Но, за жал тие не се 100% ефективни кога е ХПВ во прашање, бидејќи ХПВ се пренесува примарно преку кожа-на-кожа контакт. ХПВ може да ги инфицира регионите кои не се покриени со кондомот.
Абстиненцијата е единствен начин за превенција на ХПВ пренос. Ризикот може да биде намален ако личноста има сексуални односи само со една личност која не е инфицирана и која исто така е моногамна, т.е има само еден сексуален партнер. Сепак, дури и луѓе со само еден партнер во животот, може да бидат инфицирани ако тој партнер ја носел инфекцијата. Ако долготрајниот сексуален партнер на мажот има ХПВ, веројатноста е многу голема дека и тој го добил. Истото важи и обратно, маж на жена. Бидејќи личноста може да има ХПВ многу години пред тој да предизвика некакви здравствени проблем, не постои начин да се знае кој на кој партнер му ја пренел инфекцијата. ХПВ инфекција кај партнерот не мора нужно да значи дека имал односи надвор од моногамната врска. Вирусот може да остане притаен во телото без видливи симптоми со години. Најчесто е невозможно да се одреди кога и од кого е здобиен бидејќи ХПВ може да биде детектиран веднаш по изложувањето или многу години подоцна.
Поради тоа непотребно е партнерите да се обвинуваат меѓусебно.
Зголемен број на партнери го зголемува ризикот од инфекција со ХПВ, но вирусот е толку чест што да се има еден животен партнер не значи и сигурна превенција.
Сепак, поради тоа што гениталните брадавици лесно се пренесуваат помеѓу сексуалните партнери, пожелно е да го информирате партнерот доколку ги имате и да избегнувате сексуален однос до нивно отстранување.
Личен тест:
Проверете дали имате некви абнормалности на пенисот, скротумот или околу анусот. Веднаш посетете го Вашиот доктор доколку забележите брадавици, ранички, пукнатини, бели региони или други промени кои се сомнителни.